1. Содржина
  2. Навигација
  3. Други содржини
  4. Мета навигација
  5. Барај
  6. Изберете од 30 јазици

 
 
 

 

 | 09.01.2009 | 10:00 UTC

Контролорите на ЕУ можеби уште денеска ќе почнат со набљудување на протокот на гас

Европската комисија, по постигнувањето согласност со Русија околу испораката на гас, смета дека транспортот на овој енергенс преку украинска територија, ќе почне наскоро. Претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо изјави дека украинскиот претседател, Виктор Јушченко вчеравечер му дал уверување дека ги прифаќа набљудувачите на „Гаспром“, кои треба да вршат набљудување на транспротот заедно со експертите на ЕУ. Русија, исто така даде согласност за испраќање европски контролори. Се очекува тие да почнат да работат на најважните станици за мерење на протокот на гас веќе во текот на денешниот ден.

Советот за безбедност бара прекин на огнот во појасот Газа

Советот за безбедност на ОН, по повеќедневни интензивни преговори, побара од Израел и од радикално-исламистичкиот Хамас да го прекинат огнот. За резолуцијата на Советот за безбедност во која е содржано ваквото барање, гласаа 14 од 15-те членки на Советот. САД беа воздржани. Прекинот на огнот, според највисокото тело на ОН, треба да доведе до комплетно повлекување на израелските трупи од палестинските подрачја. Рок за повлекувањето не е определен. Советот апелира до меѓународната заедница да се заложи за запирање на палестинскиот шверц на оружје во појасот Газа. Освен тоа, според Советот за безбедност, хуманитарните организации мора да имаат неограничен пристап до регионот.

Во војната во појасот Газа околу 780 загинати

Израелските сили, во текот на изминатата ноќ, ги продолжија нападите во појасот Газа. Според локални и меѓународни извори, експлозии имало пред се‘ на север на појасот Газа. Во војната што трае 13 дена, досега загинаа околу 780 луѓе. Голем дел од нив, според сознанијата на неутрални набљудувачи, се жени и деца. Израел соопшти дека во воените операции загинале десет војници и четири цивили, кои животот го загубиле од ракети испукани од страна на палестински екстремисти.

Штајнмаер патува за Египет и Израел

Германскиот министер за надворешни работи, Франк Валтер Штајнмаер, ќе отпатува во Египет и Израел уште во текот на денов на разговори за надминување на кризата на Блискиот исток. Во Египет, освен со египетското раководство, Штајнмаер ќе води разговори и со палестинскиот претседател, Махмуд Абас.

Ерлер: Можен е ангажман на Бундесверот во појасот Газа

Државниот министер во германското министерство за надворешни работи, Гернот Ерлер, смета дека е можен ангажман на германски војници во појасот Газа во рамки на меѓународни мировни сили, но само под услов ако Израел и Палестинците изразат соодветна молба. Политичарот на СПД, во изјава за германската телевизија, укажа на учеството на германската морнарица во мисијата на ОН во Либан. Германија по завршувањето на либанската војна во 2006 година, испрати свои војници, одговарајќи на барањето за помош што го упатија двете страни во конфликтот.

Лидерска средба посветена на претстојните избори во Македонија

Лидерите на четирите најголеми парламентарни партии во Македонија, ВМРО ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, денеска треба да разговараат  околу претстојните претседателски и локални избори во државата. Во поканата за средба на премиерот и лидер на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски се вели дека треба да биде разгледана можноста за воведување пилот-проект за електронско гласање. Унапредувањето на изборното законодавство и демократските процедури во спроведувањето на изборите е значајно прашање за евроинтеграцијата на Македонија, стои во поканата.

САД тврдат дека шефот на Ал Каеда во Пакистан е мртов

Шефот на терористичката мрежа „Ал Каеда“ во Пакистан, Осама ел Кини и неговиот најважен помошник, според наводи на водечки агенти на американските тајни служби, се мртви. Во Вашингтон не се наведуваат причините за смртта на Ел Кини. На денот на Нова година, пакистански извори јавија за смрт на тројца странски екстремисти на границата кон Авганистан. Се смета дека двајцата мажи, кои потекнуваат од Кенија, учествувале, меѓу другото, во бомбашките напади врз американските амбасади во Источна Африка, во 1998 година. Исто така се смета дека Кини стои зад нападот врз хотелот „Мариот“ во Исламабад што се случи минатата година, и во кој загинаа 50 лица.

„Комерцбанк“ ќе биде делумно подржавена

Втората по големина банка во Германија „Комерцбанк“ ќе добие инјекција од десет милијарди евра од Фондот за спас на банките. Во ноември минатата година, „Комерцбанк“ веќе доби 8,2 милијарди евра. Со тоа државата презема 25% плус една акција на банката и на тој начин стекнува право на вето при донесувањето важни одлуки на банката.

Новата помош во капитал државата на „Комерцбанк“ и‘ ја дава поради големите тешкотии на самата банка, како и ризиците кои произлегоа од преземањето на „Дрезднер банк“ од страна на „Комерцбанк“. Првиот човек на „Комерцбанк“, Мартин Блесинг изјави дека сега банката стана посигурна за штедачите и дека полза од ваквиот чекор на државата имаат и фирмите и приватните штедачи.

Голем пожар во Карачи

Во голем пожар што изби во еден сиромашен кварт во пакистанскиот град Карачи, загинаа најмалку 40 луѓе, меѓу кои и голем број деца. Пожарот избил додека луѓето спиеле, па затоа не можеле да избегаат навреме.Причината за пожарот се‘ уште не епозната. Според наводи на властите, се претпоставува дека дел од жителите на квартот запалиле оган за да се стоплат, по што огнот излегол од контрола.



 
Фотографија на денот
ImageOfTheDay

DW-TV EUROPE live

Journal (english) - With In Depth